Оливера Трајковска: Мијалков му кажа на Камчев за апсењето на Бошкоски

1611

Новинарката, Оливера Трајковска, на денешното сведочење во случајот „Тортура“ што се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, на прашање на обвинителот изјави дека Сашо Мијалков му го најавил на Орце Камчев апсењето на Љубе Бошкоски.

„Од разговорот кој беше пуштен во јавноста помеѓу мене и Орце Камчев, бидејќи велиме ‘пријателот’, потврдувам дека станува збор за Сашо Мијалков. Тој му ја дал информацијата за апсењето на Бошкоски“, рече Трајковска.

Новинарката на сведочењето кажа дека била разочарана од настанот и дека Камчев ја известил оти примил информација дека нешто ќе се случува за еден час.

„Пред ‘Воденица’ видов многу медиуми како да доаѓа странска делегација. Мој впечаток беше дека Бошкоски дошол да даде изјава. Не знаев дека е приведен се додека не дојдов дома и видов на вести“, кажа Оливера Трајовска.

Камчев: Не е срамота да се разговара за криминал

Бизнисменот Орце Камчев во денешното сведочење за случајот „Тортура“ во врска со разговорот за апсењето на Љубе Бошкоски, меѓу него и новинарката Оливера Трајковска, рече дека комуникацијата се случила затоа што предметот бил интересен и сите во Македонија разговарале за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија.

„Сите разговараа за тоа зашто многу беше интересен предметот. Не е срамота да се разговара за криминал, сигурно и вие сте разговарале за тоа“, му рече Камчев на обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе.

Прашан од обвинителот што знае за апсењето на Бошкоски, Камчев кажа дека му било познато дека одреден човек примил мито да преговара за име, дека МВР го уапсила и ништо повеќе.

Камчев на крајот од сведочењето кажа дека не верува дека аудиоснимките се вистинити и може да се сечени, лепени и монтирани.