Операторите го гасат сигналот, од понеделник ќе нема спорт на ТВ

842

Од понеделник на полноќ кабелските оператори во Македонија ќе ги исклучат сите канали од понудата, тоа значи дека нема да гледаме елитен спорт преку Аренаспорт, Спортклуб, Еуроспорт.

Сите кабелски оператори во Македонија се договорени, во понеделник на полноќ да го изгаснат сигналот на сите канали кои ги реемитуваат, во понудата остануваат само каналите 1 и 2 на државната МТВ и собранискиот канал.

Со оглед на фактот дека елитниот спорт го следиме преку понудата на кабелските мрежи од државата, нема да бидеме во можност да го следиме низ директен пренос ниту историскиот полуфинален меч меѓу Македонија и Косово на 26 март доколку до тогаш не се најде друго решение.

Кабелските оператори се незадоволни по измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги кои беа донесени од Собранието на 16 февруари по скратена постапка. Законските измени им наложуваат на операторите да гарантираат за авторските права на програмите кои ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност што е неприфатливо за операторите во земјава.

Во понудата од понеделник ќе нема Лига на шампиони, Европа лига, Евролига во кошарка и целиот елитен спорт освен тоа што јавниот сервис во моментов пренесува, тоа е  домашна кошарка, домашен фудбал и одбојка. По еден натпревар во викенд од Лига 1 (Франција) и по еден натпревар од Серија А (Италија) како и НБА и НХЛ.