Османи: Нема ентузијазам кај локалните власти во Грција за промена на сообраќајните знаци

755

Министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендијас во Скопје рече дека меѓудругото се разговарало и за имплементацијата на Преспанскиот договор во рамки на сообраќајните знаци во Грција, на кои е предвидено да се најде новото уставно име на земјата, но шефот на македонската дипломатија вели дека засега локалните власти таму не се расположени за тоа.

– Објаснувањето реално е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мислам дека во наредниот период ќе има решение, рече Османи.

Тој додаде дека Грција веќе ги исполнила најважните обврски од Преспанскиот договор, а тоа е поддршката за влез во НАТО и за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

„Меморандумите се прашање на секторска соработка. И кај нас има уште три-четири договори кои треба да се потпишат, но тоа не значи дека не го спроведуваме договорот. Задоволен сум од средбата и сега сум уште поголем оптимист дека нашите односи ќе се подобрат“, рече Османи.

Дендијас ја пофали Македонија за последните конкретни чекори што ги направила во имплементацијата на договорот.

„Имплементацијата се однесува на секое писмо, секоја буква. Со Османи разговаравме за промената на името на Археолошкиот музеј и на името на улицата на која што се наоѓа зградата на Министерството за надворешни работи. Таа табла со името на кралот Филип Втори беше поставена во некое друго време“, кажа Дендијас.