Ова е момчето со велосипедот кој возеше покрај автобусот на Вардар: Требаше и ќерка ми да биде со мене, но веќе беше доцна (ФОТО)

5664

„Спортмедиа“ го пронајде момчето кое неуморно со својот велосипед возеше покрај автобусот на Вардар од скопскиот аеродром до градскиот плоштад. Станува збор за скопјанецот Трајче Јовановски, верен фан на „црвено-црните“.

Неговиот план бил поинаков но поради доцнењето на авионот морал истиот да го промени.

Кога ја погледнавме фотографијата забележавме детско седиште на неговиот велосипед, најважниот дел од приказната.

-На скопскиот аеродром дојдов со мојата ќеркичка. Мојата желба беше заедно со неа да го пратам автобусот на овие момци херои. Но, откако и официјално потврдија дека летот им е одложен и во Скопје ќе слетаат подоцна го променивме првичниот план, ќеркичката ја пратив со автомобил, а јас тргнав со велосипед. За ваков успех и за оваа радост вреди и да трчаме по автобусот, раскажа за „Спортмедиа“ Трајче, кој како и останатите фанови сакаше на свој начин да им се заблагодари на „црвено-црните“ за убавиот викенд кој и го приредија на цела Македонија.

Јовановски оди и на фудбал и на ракомет.

-Одам почесто на ракомет, но секако го сакам и фудбалот. Без разлика дали игра ракометниот или фудбалскиот тим на Вардар, секогаш седам на матичната трибина – ЗАПАД.

За крај посака и следната година Вардар да се пласира на фајнл-фор, секако да се врати со пехарот, па тогаш заедно со неговата ќеркича ќе може одново да вози покрај автобусот на европскиот првак.