Шведската војска соопшти дека на балтичкиот остров Готланд ќе биде инсталиран надграден ракетен одбранбен систем, со што дополнително ќе се зголемат тензиите на релација Стокхолм – Москва.
Новиот против-воздушен ракетен систем кој го произведе компанијата “Saab” ќе ги замени мобилните против-воздушни топови со кои што шведската армија располагаше досега на островот Готланд во Балтичкото море, на околу 350 километри од руската енклава Калининград, каде што се наоѓа седиштето на руската Балтичка флота.
„Готланд е важно подрачје гледано од воено-стратешка перспектива“, изјави Микаел Бајден, врховен командант на шведските вооружени сили.

„Географската положба на островот му дава значајни воени предности во поглед на заштитата и контролата на морскиот сообраќај, балтичкиот воздушен простор и можноста за распоредување на воени единици и капацитети“, изјави Бајден.
Иако Шведска не е земја членка на НАТО Алијансата, властите од Стокхолм блиску соработуваат со најмоќниот воен сојуз на светот. После децении занемарување, Шведска започна да ја зајакнува својата армија во последните неколку години, најмногу поради јакнењето на руското влијание на Балтикот и руската агресија кон Украина.

Шведските власти претходно во текот на оваа година, го повикаа на разговор рускиот амбасадор, откако руски воен авион во меѓународен воздушен простор се приближил на само 20 метри од шведски воен авион.
Стокхолм во изминатите неколку години исто така повеќе пати се пожали на инциденти со руските воени авиони, а беа забележани и неколку навлегувања на руските авиони во шведскиот воздушен простор.