Пандемијата на коронавирусот тргнала од Италија – ова го тврдат кинеските државни медиуми кои се повикуваат на изјава на доктор од Милано. Може ли ова да направи целосен пресврт и сега сите прстот да го вперат во Италија, а не Кина?
Италијанскиот доктор тврди дека кон крајот на ноември во Италија биле забележани случаи на необично воспаление на белите дробови. Официјален Пекинг поради тоа сега го негира распространетото мислење дека Ковид-19 се појавил на пазар за диви животни во Вухан. Како еден од аргументите за тоа го споменуваат фактот дека епидемијата во Кина се смири, додека во Европа „дивее“.
Државните новински агенции и телевизии го цитираат италијанскиот доктор Џузепе Ремуци кој е уверен дека болеста циркулирала низ Италија со месеци пред да биде откриена во Кина. Професорот Ремуци, директор на Институтот за фармаколошки истражувања „Марио Негри“ од Милано, во минатонеделното интервју изјави дека „локалните доктори забележале многу необични воспаленија на белите дробови кај пациентите, многу сериозни, посебно кај постарите, а случаите биле забележани во ноември и декември.

„Тоа значи дека вирусот бил присутен во Италија, барем во Ломбардија, пред воопшто да станеме свесни за тоа“, изјави Ремуци.
Кинески “Global Times” набрзо потоа објави вест со наслов „Вирусот се ширел во Италија пред епидемијата во Кина“. Државната телевизија “CCTV” цитираше друго интервју на италијанскиот доктор во кое тој вели дека чудно воспаление на белите дробови било забележано и во октомври. Овие вести експресно се проширија во Кина, каде медиумите се директно контролирани од државата, а веста „експлодираше“ и на социјалните мрежи.
Проблемот во врска со тоа е што докторот Ремуци за таквите тврдења нема никакви адекватни докази, ниту пак е спроведена некаква студија која би ги поткрепила неговите тврдења. Соочен со многубројните прашања, доктор Ремуци за италијанските медиуми накратко изјави дека информацијата до него пристигнала „од повеќе доктори“.

Понатаму, тој образложи дека во своите изјави никаде не рекол од каде тргнал вирусот, туку дека бил распространет во Италија пред за него да дознаеме од кинескиот град Вухан.
Има уште една контроверзија во овој случај – кинеските медиуми веќе објавија дека првите заразени во Италија биле брачен пар кој во земјата пристигнал токму од Вухан. Кинеските медиуми тврдеа дека на 23-ти јануари биле лекувани во болница во Рим.
Инаку, со потврдени речиси 75 илјади случаи, Италија опасно ѝ се приближува по бројот на заразени на Кина, каде што ситуацијата во меѓувреме целосно се смири. Но, дополнително загрижувачко е тоа што Италија има над 7,500 починати како последица на коронавирусот, односно двојно повеќе од Кина.