Овој спорт нема ни стадион, ниту трибини, а без здив го гледаат десетици милиони луѓе

858

Еден од моментално најпопуларните спортови на светот нема единствен стадион ниту трибини на кои се надгласуваат навивачите, но сепак привлекува десетици милиони гледачи по турнири.

Станува збор за натпреварите во играње видео игри, популарно наречени и како електронски спортови (esports) кои веќе долго време доминираат како главен избор на публиката помеѓу 18 и 25 години.

Не само што предизвикуваат огромно внимание кај гледачите туку имаат и богати наградни фондови. Во 2016 година, наградата за светското натпреварување во Dota 2 изнесувало речиси 21 милион долари, додека минатата година истиот натпревар имал награден фонд од дури 24,7 милиони долари.

Во светло на овие трендови, издавачот и девелопер на популарната игра “Fortnite” – “Epic Games”, објавил дека во текот на сезоната 2018/19 ќе вложи дури 100 милиони долари во награден фонд.

Доказ дека “Fortnite” е една од најпопуларните игри на планетата потврдува и фактот дека компанијата неодамна одржа турнир од хуманитарно-забавен карактер, на кој учествуваа познатите стримери, професионални играчи и познати личности надвор од светот на гејмингот како што е НБА ѕвездата Пол Џорџ. Сите награди биле наменети за хуманитарни цели, а турнирот секоја секунда го следеле дури 1.365.068 гледачи.

Еден неделен турнир под закрила на најпознатиот “Fortnite” стример – “Ninja”, кон почетокот на јуни привлекол повеќе од 8,8 милиони гледачи.

Сепак, рекордот и понатаму го држи играта “League of Legends” која на неодамна одржаниот натпревар во Кина собрал речиси 60 милиони гледачи во текот на големото финале. “Epic Games” напоменал дека светскиот куп ќе биде одржан во 2019 година, а квалификациите ќе започнат веќе оваа година.

Според нивните зборови, тие се спремни да ги поддржат сите регионални квалификации и турнири, што ја отвора можноста за гледање на балканска “Fortnite” лига по пример на веќе постоечките “Esports Balkan LoL” и “CS:GO”.