Пајовиќ: Киро е легенда, не се гледа на него дека има 40 години!

1103

Еден од домаќините на Европското првенство, селекцијата на Австрија запиша две победи на два натпревари и на добар пат е да се избори за втората фаза на шампионатот. Но, развојот на настаните може да донесе и елиминација на момците на Алеш Пајовиќ, ако го загубат дуелот со Македонија.

Младиот словенечки стручњак е оптимист и покрај негативната традиција против Лазаров и другарите.

„Ако играме како против Украина, имаме шанси да ја победиме Македонија. Имаме притисок, играме на домашен терен, но јас се обидувам да ги опуштам момците, да не чувствуваат голема пресија. Тешко е да се повтори како играа Билик и Божовиќ во првиот натпревар, но бевме добри и во финишот против Украинците“, ни рече Словенецот.

Потоа Пајовиќ се осврна на нашиот капитен и главна алка во играта, Кирил Лазаров.

„Не се гледа на Киро дека има 40 години. Тој е легенда, го познавам многу долго, секоја му чест. Чесите играа агресивно на позицијата халф која внимава на него, па се обидоа да не му дадат лесни удари. Но, мора да кажам дека чешкиот голман беше фантастичен. Во ракометот голманот е многу важен“, заврши Пајовиќ.

Дуелот меѓу Австрија и Македонија се игра утре од 18:15 часот, а на нашиот национален тим му треба победа од два разлика за сигурен пласман меѓу 12-те најдобри. ЕХФ денес ќе ги одреди официјалните лица за натпреварот.