Панчев е сигурен: Мојата Звезда без проблем би ја победила Хрватска од 2018 година

692

Златната копачка од 1991 година нема дилема дека тимот на Црвена Звезда што ја освои титулата во Купот на европските шампиони е убедливо најсилен на овие простори.

Во интервју за српскиот портал Мондо, Дарко Панчев им оддава респект на Хрватите кои лани го освоија среброто на Мундијалот во Русија, но тврди дека неговата Звезда е поквалитетна.

„Пласманот на Хрватска во финалето од Светското првенство и освојувањето на Европското првенство од Грција во 2004 се најголемите успеси на репрезентативно ниво на Балканот. Сепак, мислам дека титулата на Звезда е позначајна од среброто на Хрватска затоа што е освоен трофеј. Мое лично мислење е дека таа Звезда на кој било терен, без поголеми проблеми би ја победила Хрватска што го освои среброто“, смета Панчев.

Се разбира, неговата теза никогаш не може да биде проверена бидејќи се работи за две различни ери во фудбалот, различен стил на игра и голема временска дистанца.