ПАНДЕВ Е ИСТОРИЈАТА НА ИТАЛИЈА, САМО МАНЧИНИ Е ПРЕД „ГРАНДЕ МАЧЕДОНЕ“

913

Горан Пандев во својата речиси дваесетгодишна професионална фудбалска кариера која во најголема мера ја мина во Италија, имаше безброј успеси. Едноставно нашиот најдобар играч беше предодреден да ги достигне фудбалските височини, и да испише историја секаде каде што настапуваше.

Сепак, едно натпреварување дефинитивно ја одбележува неговата сеуште активна играчка кариера. Тоа е купот на Италија.

А во него, Гранде Пандев не да е успешен туку е на самиот врв. Само еден играч може да се пофали дека повеќе пати го кренал големиот куп пехар на Италија од нашиот Гоче. А тоа е ни помалку ни повеќе туку италијанската фудбалска легенда Роберто Манчини. Тој во дресот на Сампдорија односно Лацио шест пати се радувал на успех во ова натпреварување, а Горан Пандев заедно со Ромео Бенети, Џанлуиџи Буфон, Бруно Конти, Џузепе Фавали, Стефан Лихштајнер, Фаусто Салсано, Дејан Станковиќ и Франческо Толдо се оние кои имаат пет златни медали од ова натпреварување. Од сите овие, единствено Пандев и Буфон се сеуште активни фудбалери и настапуваат во Италија, па само тие имаат и реална шанса да го стигнат или евентуално престигнат Манчини.

Друштво за респект, се од ред фудбалски „капиталци“ имиња кои тежат трофеи и титули. Е во такво друштво е Горан Пандев кој во Италија само со неговиот сегашен клуб Џенова сеуште не го освоил купот.

Претходно тоа го стори со Лацио, Интер и Наполи, а со оглед на фактот што дефинитивно ќе игра уште една сезона да веруваме дека ќе смогне сили и ќе направи сензација и со Џенова. Статистиката вели дека Пандев само во купот на Италија има постигнато 15 гола, што е бројка за која некои играчи се горди ако ја достигнат во текот на целата кариера во Серија А или пак некоја друга лига од топ пет лигите во Европа.

Во нив можеби не членува онаа турската но, и таму Горан Пандев може да се пофали со куп трофеј. Можеби не се прослави во Галатасарај, тоа е веројатно единствената грешка која тој ја направи во неговата кариера, но ете, и во Истанбул се закити со куп трофеј, шести во кариерата. Или барем беше дел од тимот кој стигна до финалето. Пандев постигна на десет мечеви седум гола, но во финалето не беше дел од протоколот,а таму Галата триумфираше над Бурса.

Се на се, текст посветен единствено на куп успесите на Горан Пандев, а во него грст податоци, еден куп голови, победи, пехари. Е тоа е Гранде Пандев, 36. годишната македонска фудбалска легенда, која испишува златни страници фудбалска историја каде и да настапи и било кој дрес да го облече.