Пандев: Сонувам да се пласираме на ЕП и народот да ни приреди дочек како на ракометарите!

1326

Горан Пандев ја остави зад себе стресната, но сепак успешна полусезона во Серија А со Џенова. Целта беш остварена и екипата од Лигурија обезбеди опстанок во елитата. Така, последната мисија пред летниот одмор нашииот капитен ја има деновиве со националниот тим..

Струмичанецот ќе ја предводи Македонија во обидот да се впише вториот триумф во квалификационата група за ЕП 2020 година. Ако на теренот ја видиме онаа Македонија од дуелите со Летонија и Словенија, нека му ја мисли Бржечек и неговите пулени.

Капитенот на прес-конференцијата беше дециден и го најави петочниот дуел.

„Атмосферата е одлична, се спремаме добро и знаеме дека ни следат два тешки натпревари. Сепак, концентрирани сме само на натпреварот против Полска. Овој натпревар треба да ни го покаже патот во квалификациите. Ако ги победиме можеме да се квалификуваме на Европско првенство. Но, знаете каков тим и какви поединци имаат Полјаците во своите редови. Со помош на публиката можеме да се радуваме. Оваа генерација е зрела, најдобра со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистински да го покажеме квалитетот и нашиот нов победнички менталит“, рече Пандев.

Пандев зборуваше и за неговиот однос со Пјонтек, со кого ја делеше соблекувалната шест месеци во Џенова.

„Пјонтек е одлично момче, игравме половина сезона во иста екипа, живееме во иста зграда и заедно одевме на тренинг, Се работи за мој добар пријател. Уште сме во контакт и пријатели сме. Не се чувме пред овој наторевар, но ќе чести откако ќе загуби утревечер. Полска не е само Левандовски, знаеме какви фудбалери се и Зиелински, Милик и останати“, смета нашиот капитен.

Капитенот потоа се наврати на успехот на ракометарите на Вардар, кои пред неколку дена станаа европски прваци.

„РК Вардар оствари успех кој тешко дека некоја македонска екипа ќе го повтори. Видовте колку луѓе ги пречекаа и верувам дека ќе се пласираме на Европско првенство и потоа нас да нè слават на плоштадот како ракометарите“, заврши Пандев.

Традицијата не ни е сојузник, бидејќи единственото наше реми со полскиот национален тим датира од 2008 година и пријателски натпревар во Германија.