Македонскиот ветеран во екипата на Џенова, Горан Пандев, на подготовките доби нова улога во тимот. Тренерот Аурелио Андреацоли го постави како играч за врска што ја изненади јавноста, а и нашиот репрезентативец кој вели дека му годи промената.
„За мене беше чудно, бидејќи цела кариера ја поминав играјќи во нападот. Тренерот зборуваше со мене и ми ја сподели идејата. Јас сакам да играм како играч за врска, единствениот проблем ќе биде трчањето“, вели 35-годишниот голгетер.

Пандев се пошегува на своја сметка поради возраста и се спореди со големиот Андреа Пирло. Легендата на италијанскиот фудбалер без многу напор ја извршуваше својата задача на средината од теренот и токму тој е пример за нашиот интернационалец.
„Сите се шегуваат со мене и ми велат дека нема да имам капацитет да играм во средината од теренот. Но, јас сакам да сум како Пирло. Креаторот на играта постојано размислува и има многу допири со топка. Знаете дека само се шегувам“, низ смеа рече македонскиот напаѓач.
Пред почетокот на сезоната, нашиот фудбалер ја продолжи соработката со Џенова и ќе ги брани боите на клубот уште најмалку една година.