Сите патници и членови на екипажот на два авиона на компанијата „Американ ерлајнс“, кои од Европа пристигнаа на аеродромот во Филаделфија, се ставени под карантин откако кај 12 луѓе се појавиле симптоми слични на грип.
На лекарски преглед биле испратени вкупно 250 лица, тие во овој момент се под медицинска заштита поради претпазливост, а американскиот Центар за контрола на болести и превенција е веќе информиран за случувањата, изјави портпаролката на аеродромот.
За само неколку дена ова е трет случај авион да биде ставен под карантин. Прв беше авионот од Дубаи што слетал на аеродромот ЏФК во Њујорк, кој беше ставен во карантин откако стотина патници се пожалиле на висока температура и мачнина.
Вториот случај, пак, беше со авион од Алжир, кој слетал на аеродромот во Перпињан во Франција. Патнички авион со 141 патник, меѓу кои имаше и пет деца, беше блокиран поради сомнеж декa патниците во авионот се заразени со колера.