Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ, изјавил дека сака да освои златен медал на Олимписките игри во Токио и годината да ја круниса со триумф на УС опен во Њујорк.
Ѓоковиќ во интервју за агенцијата „MINA“ истакнал дека патриотизмот пресудил да донесе одлука за настап на ОИ во Токио:
„Чувството кога ја претставуваш својата држава на најголемиот спортски настан во историјата на спортот е незаменливо. Олимписките игри се нешто навистина посебно“, изјавил Ѓоковиќ во интервјуто.
Тој исто така навел дека се чувствува убаво, исполнето и е полн со самодоверба поради победите кои ги направил во последните месеци.
„Се надевам на најдоброто во Токио, одам по злато. Целта ми е да стигнам до медал, се надевам на златен. Одам по златен медал, тоа не е тајна. Потоа ќе размислувам за Њујорк, да се обидам да комплетирам сè“, изјавил Ѓоковиќ.
Коментирајќи го досегашниот тек на сезоната, тој истакнал дека таа е веќе успешна, па ја нарекол една од најуспешните сезони кои досега ги имал во кариерата.
„Освојувањето на три гренд слема за мене беше врвот. Оваа година веќе ги освоив првите три гренд слем турнири. Остануваат УС опен во Њујорк и олимписките игри. Тоа се двата најголеми цели до крајот на сезоната. Како што реков, напорно е, но поради низата победи кои ги имам самоуверен сум“, заклучил Ѓоковиќ.