Шефицата на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси повика на американски дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри кои идната година треба да се одржат во Пекинг, критикувајќи ја Кина поради прекршување на човековите права.
Пелоси порача дека светските челници кои ќе присуствуваат на игрите ќе го загубат својот морален авторитет.
„Ако шефовите на државите пристигнат во Кина додека е во тек геноцид, навистина ќе се постави прашањето каков морален авторитет би имале кога повторно ќе зборуваат за човековите права било каде во светот“, изјави Пелоси.

Обединетите нации во 2018-та година соопштија дека најмалку еден милион Ујгури се сместени во кампови во кинескиот регион Синјианг. Пекинг тие кампови ги опишува како центри за стручно оспособување и сузбивање на екстремизмот. Кинеските власти силно ги отфрлаат обвинувањата за злоставување и геноцид.
Официјален Пекинг порача дека американските обиди за мешање во кинеските внатрешни работи околу Олимписките игри се осудени на неуспех.