И претседателот Стево Пендаровски испрати реакција до јавноста во врска со бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков во која ги повикува сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за негов притвор.
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, потенцира претседателот Пендаровски.
Очекувањата на претседателот се дека надлежните институции во најкус можен рок ќе спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции да биде преземена одговорност.
Пендаровски порача дека граѓаните бараат одговорност и кривична и морална и дека борбата за правна држава значи дека секој кој што се огрешил пред законот треба да биде казнет.