Македонскиот претседател Стево Пендаровски по фамозното интервју на Зоран Заев за БГНЕС кое предизвика бурни реакции, заклучува дека постои „дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање“ во спорот со Бугарија.
„Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ – да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна“, вели Пендаровски утринава за Дојче Веле.
Шефот на државата додава дека со премиерот Заев во многу наврати разговарале на оваа тема и никогаш не имале спор дека некои личности и настани можат да бидат чествувани и од двете страни, но, дека македонскиот народ има своја засебна историја, како што бугарскиот народ има своја.
Новинарот на БГНЕС вчера до Заев упати забелешки на адреса на Пендаровски дека го употребувал терминот „живковизмот“, по што премиерот одговори дека македонскиот претседател, како и други политичари, понекогаш знае „да не биде доволно внимателен со зборовите“.