Болоња оствари навистина важна победа на гостувањето на „Виа дел Маре“ кај Лече и со вториот триумф во низа се искачи дури до осмото место на табелата, позитивен расплет по кој тренерот Синиша Михајловиќ може далеку помирно да си ја врши својата задача.
Гостите од Болоња вчера славеа во еден драматичен натпревар со 2:3, но покрај петте постигнати погодоци, имаше и неколку тензични моменти, од кои посебно се издвојува оној од првиот дел. Темпераментниот Гари Медел се закачи со Гркот Тацидис по еден дуел кој го имаа, а во целата ситуација се вклучи и нервозниот Синиша Михајловиќ кој му беше лут на својот фудбалер за тоа што непотребно ќе добие жолт картон. Популарниот „Питбул“ не му остана должен на својот тренер и влезе во клинч со него, а несекојдневната сцена не прерасна во нешто повеќе бидејќи реагираше и самиот Тацидис, но и помошниците на Миха.