Поранешниот бразилски фудбалер Сисињо открил интересни детали од својата кариера.
39-годишниот Сисињо се повлече од фудбалот во 2018 година, по речиси 20 години професионална кариера. Тој во својата колумна во еден бразилски весник открил дека “речиси 20 години се борел со алкохолизмот”.
“Започнав да пијам на 13, 14 години, кога заминав во Ботафого. Ми кажаа дека пивото е добро, па почнав да го пијам. Сè започна со првиот пијалак и не престана сè додека не наполнив 30 години. Скоро 20 години бев алкохоличар”, открил Сисињо.

Тој додал и дека пиел “околу 10 пива дневно”, како и дека пиел пиво бидејќи “немал доволно пари за нешто поскапо”.
“И пушев цигари. Пушев 11 години, од 1999 до 2010 година. Пушев цигари кога пиев, но погледнете колку сум пиел – по цел ден”.
Сисињо го оствари најголемиот трансфер во 2006 година кога премина во Реал Мадрид, каде што играше една сезона. Од 2007 до 2012 година играше за Рома. Како што вели тој, желбата за фудбал во редовите на “волцичата” одамна исчезнала.
“Отсекогаш сум сакал фудбал. Кога Бог ќе ви подари талент и не знаете како да го користите, тогаш нешто не е во ред. Немав никаква желба да излезам на терен, да тренирам, да се концентрирам. Имав 30 години и играв за Рома тогаш, 2010 година”, додал фудбалерот.

Јасно може да се заклучи дека фудбалерот зборувал за проблемот кој повеќе не постои – благодарение на неговата сопруга.
“Таа ме охрабри и ми зададе одредени принципи кои ме ориентираа кон Бога, така што тогаш ја доживеав својата трансформација”, истакнал Бразилецот.
Сисињо ја одбил понудата да му се врати на фудбалот преку еден бразилски клуб бидејќи сака да се посвети на работата со младите и да им објасни како да ги пребродат проблемите со кои се соочувал тој во нивните години.
“Фудбалот беше фаза во мојот живот. Сега мојата задача е да го ширам искуството и да им помогнам на луѓето да не тргнат по истиот пат по кој тргнав јас. Држам мотивациски говори. Не сум во позиција да се занимавам со фудбал, не размислувам повеќе како фудбалер и моето тело се навикна на тоа”, заклучил тој.