Поранешната пловечка резиденција на Јосип Броз Тито и училишниот брод на југословенската морнарица Галеб беше извлечен од бродоградилиштето Виктор Ленац и беше вратен назад во Краљевица, по завршувањето на работите, кои траеја околу еден месец.
Симболот на поранешната титова СФРЈ се подготвува да биде во топ форма до пролетта идната година.
Реконструкцијата на Галеб одеше во две фази. Првата беше во пристаништето Ленац, каде беше саниран подводниот дел на бродот, од резервоарите беа отстранети преостанатите течности, беа заменети челичните лимови на подводниот и надводниот дел од надворешниот труп на бродот, со еден збор бродот беше дотеран да може да се премине на следната фаза на реконструкција и шминкање.

По завршувањето на овие работи, некогашниот син Галеб сега е бојосан во црвена боја и нема корозија на трупот, што е сцена која беше жално да се гледа во последните 15 години, со влошување на состојбата и негово руинирање од година во година.
Работите за реставрација и пренамена на бродот Галеб, заштитено културно богатство на Република Хрватска, во бродски музеј со придружна комерцијална содржина, ги изведува компанијата Далмонт од Краљевица, која победи на јавниот тендер, и сè треба да биде подготвено до пролетта следната година.

Внатре, на палубата, во ходниците и кабините, Галеб е соголен до коска. На места каде што беше скапано, челикот беше заменет, и тоа јасно се гледа, но најголемиот дел од конструкцијата е многу добро зачуван, како што покажаа сите мерења пред воопшто да започнат работите. Подот на бродот се подготвува за да биде вратено познатото тиково дрво и другите материјали за одење. Бетонот беше отстранет, а а пополнети се дупките кои се направија во 2013 година од безбедносни причини.
На главната палуба се гледаат само формите на поранешната кабина на Тито и Јованка и главниот салон, без врати, со голи метални sидови. Целиот мебел, кој, како и комплетниот ентериер, е дизајниран во 60-тите години на минатиот век од страна на Зорко Лах од Риека, беше отстранет, реставриран и зачуван и го чека неговото враќање, кога ќе заврши реконструкцијата.

Проектот за реконструкција и пренамена на бродот Галеб во брод музеј е дел од проектот за кој градот Риека доби грант од 68,9 милиони куни од Европскиот фонд за регионален развој.
Обновата на бродот, изграден во 1937 година за потребите на италијанската трговска морнарица, за да го обнови и да го врати во функција, Југославија, откако беше извлечен од морското дно во пристаништето Риека во 1948 година, ќе чини вкупно 60,5 милиони куни.
