По ерупцијата на Етна, Сицилија ја погоди земјотрес – има повредени

937

Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала вчеравечер ја погоди Сицилија во областа на вулканот Етна, а италијанските медиуми јавуваат дека се повредени најмалку две лица.

Ова е еден од повеќе од десетте потреси кои беа забележани по ерупцијата на вулканот во понеделникот, пренесува “BBC”. Медиумите известуваат дека во земјотресот кој е регистриран три часа по полноќ по локално време во Виагранде, биле оштетени неколку згради.

Италијанските медиуми наведуваат дека локалното население било во паника и дека многу од луѓето излегле на улиците. Земјотресот бил почувствуван во Катанија, каде живеат повеќе од 300 илјади луѓе.

Аеродромот во Катанија вчера беше повторно отворен за сообраќај откако, поради облаците чад кои ги исфрлаше вулканот Етна, властите беа приморани да го затворат.

Сеизмолошката опсерваторија на планината Етна соопштила дека се отворила нова пукнатина на југоисточниот кратер. Етна, најголемиот од трите активни вулкани е особено активен од јули.