Oбвинителката Ленче Ристоска во изјава за „360 степени“ не го сокрила своето разочарување од одлуката на Советот на јавни обвинители.
Посакува барем да имало образложение зошто членовите на Советот гласале така како што гласале.
„Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука, вели Ристоска за „360 степени“.
Обвинителите од поранешното СЈО, Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, како и обвинителките Катерина Коларевиќ и Наташа поп Трајкова, ќе бидат обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
За потсетување, петмина од вкупно 14 јавни обвинители кои се пријавиле на огласот за обвинители во ОЈО ГОКК, се избрани од Советот на јавни обвинители за тоа обвинителство.