Под дејство на дрога се обиде да киднапира дете: Следуваше жестока борба со таткото

749

Еден татко од Мелбурн со последните атоми од силата се бореше да го спаси својот двегодишен син откако човек под дејство на дрога се обиде да го киднапира, односно да го оттргне од неговите раце.

Нападот се случил во ноември минатата година во паркот пред библиотеката „Престон“, а видеото од надзорните камери се појави во медиумите дури сега. Таткото во едната рака го држеше ланецот од кучето, а во другата својот син во моментите кога од такси возило излегува осомничениот Мајк Росон кој веднаш го зграпчи детето.

Следуваше стравична борба помеѓу таткото и 41-годишниот Росон кој само еден час претходно бил пуштен од притвор каде што поминал неколку часа поради поседување на наркотици.

Еден од случајните минувачи брзо истрча, но не им помогна затоа што веројатно не знаеше што се случува. Во еден момент Росон успеа да го зграпчи детето и тргна да бега, но за среќа тогаш пристигнаа уште двајца мажи кои успеаа да го сопрат и да му го одземат детето.

Набрзо потоа пристигна полицијата, а полицајците за австралиските медиуми открија дека едвај успеале да го совладаат Росон. Осомничениот неколку часа подоцна успеал да побегне од болница така што ги скинал ремените со кои бил врзан за кревет и нападнал еден медицински работник. За среќа, повторно бил уапсен и до денес се наоѓа во притвор.

За време на судењето, Росон им се извинил на родителите на детето, тврдејќи дека „тоа не бил тој“, туку имал жестоки халуцинации од дрогата. Судијата идниот вторник треба да му ја изрече казната за ова кривично дело.