Поддржувачи на Навални притворени во неколку градови ширум Русија

575

Властите во повеќе руски градови притворија неколку членови на „Тимот на Навални“ во последните два дена, а од 12-ти април двајца вработени во новоотворениот штаб во Махачкала биле пријавени како исчезнати.

Покрај тоа што неколку лица се приведени или се водат како исчезнати, руските власти извршија и претрес на штабовите на „Тимот на Навални“ во Сент Петерсбург и Вороњеж, додека во штабот во Мурманск била направена штета поради насилниот упад.

Пред два дена, во Санкт Петерсбург била притворена Ирина Фатјанова која е обвинета за организирање на недозволен протест на 31-ви јануари, а на 7-ми април полицијата исто така упаднала во штабот – полицајците барале екстремистичка содржина и пиротехника.

Истиот ден во Вороњеж, Андреј Ахмедулов кој работи во кампањата на Навални во градот, исто така бил уапсен – очевидци забележале како Ахмедулов бил турнат во бело комби, по што подоцна се дознало дека се наоѓа во полициската станица.

Во меѓувреме, од новата канцеларија на „Тимот на Навални“ во Махачкала беше пријавено исчезнување на двајца вработени – Едуард Атајев и Мурад Манапов. Тие не одговарале на телефонските повици, за неколку дена подоцна да биде откриено дека исто така се во притвор.

На 12-ти април, заменик координаторот на штабот на „Тимот на Навални“ во Мурманск, Алекандар Суринов бил приведен на аеродром поради сомнение за шверц на дрога. Тој бил пуштен на слобода откако му бил извршен претрес на багажот

Како што велат најблиските соработници на рускиот опозиционер Алексеј Навални, со притворањето и „ловот на опозиционери“, се врши жесток притисок на мрежата на негови поддржувачи која се шири насекаде низ Русија.