Северна Кореја вчера ја отвори новата „социјалистичка утопија“, односно реконструираниот град Самџијон изграден во близина на светата планина Паекту од која наводно потекнува владеачката династија Ким.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во вторникот пред камерите и микрофоните на државните медиуми свечено ја пресече лентата пред градот кој би требало да стане дом на околу 4 илјади семејства.
Поради санкциите во изградбата недостасуваше градежен материјал, но и работна сила, па на крајот градот беше довршен со мобилизација на „младинските работни бригади“ кои луѓето што побегнале од оваа земја ги опишуваат како „робовладетелски организации“.

Младите кои учествуваат во работните бригади не се платени за својата работа, слабо добиваат храна и присилени се да работат и по 12 часа дневно. За возврат добиваат подобри шанси за запишување на некој Универзитет или за членство во Работничката партија.
Новиот град на жителите ќе им нуди и скијачко одморалиште, ќе има 380 блокови на јавни и индустриски згради кои според државните медиуми се протегаат на стотици хектари.

Во рамките свеченоста беше организиран и огномет и се изведуваа народни танцови.
Ким Јонг Ун досега неколку пати го посети градилиштето, а партиските медиуми го прикажуваат лидерот на Северна Кореја како клучен човек во изградбата на градот. Според државната новинска агенција “KCNA”, Ким истовремено бил и архитект, лидер на изградбата и реконструкцијата.

И покрај тоа што имаше свечено отворање на градот, сепак градежните работи и натаму траат, односно во тек е третата фаза од изградбата чие што завршување е планирано за 10-ти октомври 2020-та година на 75-годишнината од основањето на Работничката партија на Кореја.