Не се гледа секој ден како огромна суперјахта поминува низ тесните холандски канали, а баш таа сцена ја сними фотографот Том Ван Осанен.
Станува збор за јахтата “Project 817” долга 94 метри, направена во холандското бродоградилиште “Feadship”, а транспортирана е од островот Каг до Ротердам. Станува збор за една од најголемите јахти произведени во 2021-ва година.
Поминувањето на оваа јахта низ тесните канали воопшто не е лесна задача, затоа што на одредени места има простор за маневар од само неколку сантиметри.

„Јахтата е дизајнирана за да може да помине низ каналите, така што не може да биде ниту поширока, ниту подолга неколку сантиметри. Дизајнот е максимално искористен со оглед на ограничувањата кои ги претставуваат мостовите. Ова е неверојатна операција која многумина сакаат да ја погледнат“, изјави Осанен.
Патувањето на јахтата зависи од неколку фактори, меѓу кои се ветерот и распоредот на мостовите, така што може целото патување да трае два до четири дена. Оваа јахта до своето одредиште патуваше четири дена.
Инаку, ова може да биде последниот транспорт на толку голема јахта низ каналите, затоа што бродоградилиштето “Feadship” изгради нова постројка во Амстердам која може да направи јахта со должина до 160 метри.