Кинескиот произведувач „Wuling“, во првите 2 месеци од оваа година продал над 56.000 примероци од ова мало возило на струја.
Моделот „Hongguang Mini EV“ го привлече вниманието на јавноста откако во јануари и февруари оваа година по продажба го надмина „Tesla Model 3“ и стана моментално најпродаваниот електричен автомобил на светот.
Станува збор за возило кое е неспоредливо поевтино и значително помало од автомобилот на „Tesla“, а не може да му парира ниту во содржините и функциите.

„Hongguang Mini EV“ е нешто поголем од „Smart ForTwo“, но има место за 4 патници додека задната клупа по потреба се спушта, со што се добива дури 740 литри корисен багажен простор.

Партнери на компанијата во производство на овој автомобил се кинескиот „SAIC Motor“ и американскиот „General Motors“, a возилото во Кина се продава за само 28.800 јуани (околу 3700 евра).
Произведувачот тврди дека со полна батерија, „Hongguang Mini EV“ може да прејде до 170 километри, додека максималната брзина изнесува само 100 км/ч. Во секој случај, доволно за користење во урбани средини и возење на кратки релации.
„Hongguang Mini EV“ беше лансиран во Кина минатото лето и во меѓувреме стана многу популарен, за што сведочат и резултатите од продажбата во првите 2 месеци од 2021 година.

