Адеми е еден од клучните наши фудбалери, играч кој носи стабилност во средниот ред, играч кој би посакал секој тренер, зашто буквално брилјантно си ја завршува работата и задачите. А, тој од Загреб после мечот со Истра кога го повреди бутот на загревање, дојде повреден. Но, како и секогаш, стисна заби, одигра повеќе од еден час во тешката битка во Тбилиси и сега ужива во фантастичниот успех со македонската репрезентација.
„Кога не истрчав против Истра, а бев најавен да играм, пола Македонија ми се јави да праша што се случува. Такви работи ти даваат дополнителен мотив. Гледаш колку те ценат и те почитуваат и мое беше да им вратам. Имав некои проблеми, ама шансите да играм против Грузија да беа и еден отсто – јас ќе играв!“, вели Адеми.
Пред шест години наместо за Хрватска, ја избра Македонија и сигурно едно „сто пати“ посочил дека никогаш не зажалил што го облекол црвено-жолтиот дрес, а сега дочека да биде еден од бесмртните во македонскиот фудбал како дел од генерацијата која прва успева да обезбеди пласман на едно големо натпреварување.
„Во Динамо има многу репрезентативци и често со доза на љубомора гледав кога одеа за репрезентацијата на големи настани, а сакав и јас тоа да го почувствувам, да видам како изгледа и ете и мене ми се случи. Чувството? Феноменално! Вредеше буквално секоја секунда од трудот и од секое откажување. Таа среќа и задоволство на народот во Македонија после овој пласман, тоа со зборови не се опишува“, додава Адеми.
Капитенот на националниот тим, Горан Пандев го даде голот за историја во калчолигашката акција и тики-таката на триото од Чизмата, а тој гол ја однесе Македонија на ЕП.
„Не можам да ви опишам колку ми е драго за Пандев, зашто имаше страшна кариера и знам колку силно сакаше нешто да направи со репрезентацијата. И на крај успеа во тоа, на начин каков што само може да се посака – даде гол за да нѐ однесе на Евро. Ми се чини дека е баш како виното – што постар, тоа подобар! Горан е одличен карактер, сјаен фудбалер и одлично се согласуваме“, заврши Адеми.