Политички земјотрес во Мексико: Член на картел откри дека Ел Чапо му платил 100 милиони долари на претседателот на земјата

852

Големи контроверзии предизвика сведочењето на поранешен член на нарко картелот на Ел Чапо кој што откри дека на поранешниот претседател на Мексико му било исплатено мито во висина од 100 милиони долари.

Сведокот на судењето на Хоакин „Ел Чапо“ Гузман во САД, на американските власти им откри дека обвинетиот мексикански нарко бос му платил 100 милиони долари мито на поранешниот мексикански претседател Енрике Пења Нието.

Алекс Сифуентес, долгогодишен поранешен близок соработник на Ел Чапо, тоа го изјави за време на вкрстеното испрашување на еден од адвокатите на Ел Чапо во сојузниот суд во Бруклин.

Запрашан дали на американските власти во 2016-та година исто така им признал дека Ел Чапо го подмитил поранешниот мексикански претседател, тој одговорил: „Тоа е точно“.

Пења Нието беше претседател на Мексико во периодот од 2012-та до 2018-та година, а претходно беше гувернер на сојузната држава која што го вклучува мексиканскиот главен град Мексико Сити.

Инаку, на Ел Чапо му се суди од минатата година. Тој во 2017-та година беше екстрадиран во САД каде што е обвинет дека како прв човек на озлогласениот мексикански нарко картел „Синалоа“, криумчарел кокаин, хероин и други дроги, а исто така е обвинет и за киднапирања, убиства и перење на пари.

Исто така и други сведоци на судењето откриваа дека биле подмитувани останати високи функционери во Мексико.

Хесус Замбада, уште еден поранешен член на нарко-картелот на Ел Чапо, сведочеше дека во 2005-та година му дал повеќе милиони долари мито на близок соработник на актуелниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез.