Половина тон марихуана вредна над милион евра запленета на ГП Богородица

821

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа заплени 515 килограми марихуана на граничниот премин Богородица.

Марихуаната е пронајдена при контрола на камион со скопски регистерски таблички на граничниот премин Богородица, на излез од Македонија, во специјално направен бункер на кровот на приколката. Од МВР соопштија дека дрогата била спакувана во 181 пакување со различна големина и тежина.

„Запленетата марихуана требало да се транспортира до Турција, а нејзината вредност се проценува на над милион евра. По претходно дадени насоки, на Граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија извршен е претрес во товарно моторно возило марка Ман и полуприколка –ладилник со скопски регистерки таблици, сопственост на правно лице, а управувано од З. А. (46) од Скопје. При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен“, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Додаде дека во текот на ноември и декември, Д. С. (33) од Скопје набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до територијата на Турција. За реализација на транспортот, Д.С. за соодветен паричен надомест го ангажирал З.А.. Бункерот во возилото бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.

„Во текот на денешниот ден до обвинителството е поднесена кривична пријава против Д. С. како организатор на транспортот и З. А. како транспортер на дрогата, за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, соопшти Ангеловски.