Португалското претседателство со ЕУ ќе биде претпазливо кон прашањето за проширувањето и нема да брза и да предлага нови заклучоци на Советот на ЕУ за проширувањето за време на претседателството во првите шест месеци од годинава.
Амбасадорот на Португалија во ЕУ, Нуно Брито, како што пренесе бугарската агенција БТА, вчера, одговарајќи на прашањето како го оценува однесувањето на Бугарија, која со своето вето го блокира почетокот на пристапните преговори со Македонија, изјавил дека „не е во ред да се обвинува Бугарија за попречување на процесот, бидејќи токму таа држава е еден од силните поддржувачи на проширувањето на ЕУ”.
„Потребна е едногласност за донесување одлуки во оваа област, а дискусијата за проширувањето продолжува на високо политичко ниво“, рекол Брито.
Како приоритети на португалското претседателство тој ги навел подобрувањето на односите со Африка и изготвување нови миграциски правила на ЕУ,
продолжувањето на напорите започнати под германското претседателство и поврзани со одобрување на новиот европски буџет, економското закрепнување од пандемијата, како и заедничките активности на земјите од ЕУ за контрола на ширењето на коронавирусот, дигитализацијата и заштитата на животната средина.
Претходно, министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека се големи очекувањата од португалското претседателство и најави дека деновиве ќе биде испратен македонски дипломат во Лисабон со цел тој да биде во контакт со португалските власти. Истовремено, шефот на дипломатијата најави дека продолжува и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Бугарија.