Дарко Велковски е стрелецот на победничкиот гол во дуелот со Косово, со кој дојдовме до еден меч на Европско првенство. По оваа голема победа во која најпрво тој со Столе погреши, а потоа и самиот се извади за грешката, рече дека му паднал огромен камен од срцето кога ја видел топката во противничката мрежа.
„Доста тежок натпревар. Косово излезе офанзивно, но ние дадовме први гол, и потоа се случи таа грешка помеѓу мене и Столе, тука не знам 200 работи ми се вртеа во глава во тие мигови. Кога го дадов голот, не можам да опишам тоа чувство, ми падна камен од срце. Издржавме машки и имавме шанси до трет гол, не забивме, а во одбраната одигравме одлично“, рече Велковски.
Стоперот на националниот тим смета дека работата не е завршена, дека сите фудбалери живеат за тој меч со Грузија, и дека ќе се даде се од себе да се добие натпреварот, и Македонија да се пласира на ЕП.
„Работата не е до крај завршена, сега следува Грузија. Сите живееме за тој меч, мораме да дадеме се од себе да го добиеме“, рече Велковски.