Американскиот претседател е загрижен од ситуацијата во Хонг Конг и смета дека тоа би можело да му наштети на трговскиот договор помеѓу САД и Кина.
Претседателот на САД предупреди дека потенцијалното насилно задушување на протестите во Хонг Конг би можело да ѝ наштети на перспективата за постигнување на трговски договор помеѓу САД и Кина.
Доналд Трамп го повика својот кинески колега Си Џинпинг да седне на маса со организаторите на протестите кои што се одвиваат веќе 11 седмици по ред, но нагласи дека сепак најверојатно тоа не е стилот на кинескиот претседател.
„Би сакал да видам ситуацијата во Хонг Конг да се решава на многу хуманитарен начин. Тоа би било многу добро за постигнување на трговскиот договор“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп нагласи дека евентуалното насилство врз демонстрантите во Хонг Конг ќе ги намали шансите за постигнување на трговски договор.
„Мислам дека мене би ми било многу потешко да го потпишам договорот ако тој направи било што насилно во Хонг Конг“, изјави Доналд Трамп и додаде дека постигнување на таков договор, после можно задушување на протестите би било непопуларно кај американската јавност.

Демонстрантите во Хонг Конг протестираат веќе 11 седмици, а протестите избија откако властите на Хонг Конг најавија закон за екстрадиција на граѓаните на оваа автономна област во Кина. Од тогаш законот беше повлечен, но демонстрантите и натаму протестираат барајќи распуштање на владата. Само во текот на вчерашниот ден се проценува дека на улиците на Хонг Конг протестирале од 1,7 до над 2 милиони луѓе.
Трамп веќе изрази загриженост поради распоредувањето на кинеска војска во близина на Хонг Конг, поранешна британска колонија која во 1997-ма година се врати под кинеска власт, со тоа што и натаму има одвоен правен систем по принципот „една држава, два системи“.
Инаку, САД и Кина влегоа во трговска војна минатата година, меѓусебно воведувајќи царини на стоката. Се очекува деновиве САД да објави и понатамошни правила за соработка на американските компании со кинескиот технолошки гигант “Huawei” кој исто така се најде на мета на санкциите.