Најголемиот руски опозиционер и политички противник на Путин, Алексеј Навални, итно беше одведен од московскиот затвор во болница поради „алергиска реакција“.
На Навални му отекло лицето и окото, а добил и црвени дамки на телото, по што итно бил пренесен во болница, а руските медиуми кои што не се под влијание на Кремљ, веднаш ги пренесоа зборовите на неговата докторка Анастасија Васиљева која откри дека најверојатно станува збор за труење.
Иако најпрвин беше пренесено дека станува збор за алергиска реакција, Навални тврди дека тој не бил алергичен на ништо, а неговата адвокатка Олга Михаилова изјави: „Навистина станува збор за труење со непозната хемиска супстанца“.

На докторите на Навални не им било дозволено да го прегледаат, а тој бил приморан да ја јаде и храната од болницата, по што веднаш започнаа шпекулациите дека станува збор за обид за убиство на најголемиот политички противник на рускиот претседател Владимир Путин кој во неколку наврати досега откри бројни информации за корупција на руските власти.
Навални синоќа се огласи на својот блог каде што веднаш ги доведе во прашање официјалните тврдења на московската болница дека станува збор за силна алергиска реакција како причина за неговата хоспитализација.
„Никогаш не сум бил алергичен на ништо, ниту на храна или на било што друго. Мојата сопруга е алергична и многу добро знам како изгледаат алергиските реакции. Мене ми се случи нешто сосема поинакво. Се разбудив сред ноќ, лицето ми беше цело отечено. Веднаш помислив дека некој ме отрул“, стои во извештајот на Навални каде што се додава дека на неговите доктори не им бил дозволен увид во дијагнозата, што целиот случај го прави уште поконтроверзен.

„Не знам кој ме отру, но знам кој не го стори тоа. Полицијата сигурно тоа не го стори, со оглед на тоа што и полицајците беа запрепастени од мојот изглед. Но, мислам дека властите се доволно глупави за да го направат тоа“, порача навални.
Рускиот опозиционер кој константно е затворан поради најразлични „прекршоци“, на својот блог објави и фотографија направена откако му спаднал отокот додека се опоравувал.