Манчестер Јунајтед вчера објави дека до крајот на неделата ќе биде познато името на тренерот за следната сезона.
Речиси е сигурно дека тоа ќе биде Оле Гунар Солскјер кој направи одлична работа со „Црвените ѓаволи“ откако во декември минатата година го презеде кормилото од Жозе Мурињо.
Норвешкиот стручњак успеа да ги врати „Ѓаволите“ во врвот на табелата, како и да дојде до четвртфиналето од Лигата на шампионите иако сите ги отпишаа против ПСЖ во осминафиналето од ова натпреварување.
Солскјер покажа дека е подготвен да води великан како Манчестер Јунајтед и веројатно ќе остане на „Олд Трафорд“. Плановите за новата сезона веќе траат и наводно Норвежанецот веќе ја има листата на желби со засилувања.
Англиските медиуми објавија кои играчи Солскјер би сакал да ги види во Јунајтед ова лето, а тоа се Тони Крос, Марко Верати, Иван Ракитиќ, Саул Нигез и Жоао Кансело.
Јасно е дека нема да може да ги доведе баш сите овие играчи, но сигурно дека ќе се обидат да завршат барем еден трансфер. Наводно, Крос и Саул ќе бидат главните мети на „Црвените ѓаволи“ ова лето.