Повлечена листата за помилување

929

Заменик-министерот за правда, Агим Нухиу на Фејсбук објави дека министерството за правда ја повлекло листата за помилување затвореници за Нова Година.

„Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!“, наведува Нухиу во објавата и притоа сподели и заедничка фотографија со министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Маричиќ претходно изјави дека ниту едно спорно име нема да се најде на листите за помилување. Според него, листите кои министерството за правда ги испраќа до претседателот на државата Стево Пендаровски се по предлог на директорите на затворите. Од Алтернатива претходно побараа да биде повлечено барањето за помилување на Бобан Илиќ, казнет за убиството на малиот Алмир Алиу на 25 јуни 2016 година.

Меѓу имињата на листата, како што објавија дел од медиумите, освен Илиќ беа и бизнисменот Сеат Кочан, како и Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година.