Позадината на конфликтот помеѓу Чешка и Русија: Сè започна од мистериозната експлозија на магацин со оружје на бугарски бизнисмен

622

Во изминатите неколку дена дојде до најголемиот раскол помеѓу Прага и Москва, според многумина, станува збор за најголемото нарушување на односите уште од распадот на Источниот блок.

Во текот на вчерашниот ден Москва возврати на чешката одлука да депортира руски дипломати. Официјална Прага депортираше 18 руски дипломати, а Москва возврати со протерување на 20 чешки дипломати од Русија.

„Реакцијата на Русија е посилна од тоа што очекувавме, депортираа повеќе наши луѓе. Ќе се консултирам со премиерот, можеби ќе преземеме дополнителни чекори“, изјави чешкиот министер за надворешни работи, Јан Хамачек кој ја повика Европската унија да покаже „солидарност“ со неговата земја во спорот со Русија.

Да потсетиме, Чешка ги протера руските дипломати, обвинувајќи ги руските разузнавачки служби за експлозијата на магацинот со муниција во Чешка во текот на 2014-та година.

Москва отфрли било каква одговорност за таа експлозија во која загинаа две лица. Понатаму, од Москва порачаа дека ова е чешка провокација со која што сакаат да им се додворат на Американците.

Во секој случај, ова е најголемиот отворен спор помеѓу Прага и Москва уште од распадот на социјалистичкиот блок кон крајот на 80-тите години.

Но, што всушност се случуваше во 2014-та година? Чешкиот премиер Андреј Бабиш сугерираше дека тоа било операција на руски агенти, но операцијата тргнала наопаку. притоа, тој исто така ги отфрли тврдењата на опозицијата дека ова е државен тероризам на Русија против Чешка.

„Ова не е напад на Русија на Чешка. Тие агенти го извеле нападот, можеме тоа да го наречеме терористички чин во режија на тие агенти на складиштето на бугарскиот трговец со оружје кој веројатно го продавал ова оружје на страни кои се борат против Русија. Таа муниција требала да експлодира на патот. Секако, недозволиво е „ГРУ“ агентите такви операции да вршат на наша територија“, порача чешкиот премиер Бабиш.

Кој е мистериозниот бугарски трговец со оружје? Министерот за надворешни работи, Јан Хамачек истакна дека станува збор за Емилијан Гебрев кој во 2015-та година руски агенти наводно се обиделе да го отрујат, а Бугарија ги осуди во отсуство во 2020-та година.

Гебрев е бугарски бизнисмен и сопственик на фабрика за оружје. Неговата компанија “EMCO” тврди дека во времето на експлозијата не планирале никаков извоз. Но, постојат гласини дека “EMCO” се подготвувале да извезат оружје во Украина.

Имено, компанијата “EMCO” во 2014-та година потпишала договор со украинските власти за испорака на артилериска муниција, а истата година Русија беше во отворен конфликт со Украина и спротивно на меѓународните закони изврши агресија и го припои украинскиот полуостров Крим.