Познати дами кои покажаа дека слабеењето по породувањето е возможна мисија!

1210

Само четири месеци после породувањето супермоделот Адријана Лима прошета на писта на ревијата на “Викторија Сикрет”. Актерката Меган Фокс, пак, почна со снимање на нов филм по само еден месец откако стана мајка, а на листата познати дами кои за рекордно време се вратија во форма после породувањето се и Сека Алексиќ и Николија Јовановиќ. Дека брзото слабеење по бременоста е возможна мисија доказ се и нашите домашни убавици – Елена Велевска, Александра Накова, Сузана Гавазова, Катарина Ивановска, Мими Поп Алексова, Сани Гроздановска, Андријана Јаневска… кои благодарение на редовното вежбање и тренинзи се вратија на сцена со тела во топ форма.

Адријана Лима

Една од најплатените манекенки во светот е мајка на две ќерки.

“По второто породување метаболизмот ми стана спор, па морав многу повеќе да внимавам на храната отколку порано. Напорно вежбав и јадев протеини и јаглехидрати, а внимавав и на големината на порцијата. За појадок јадев кајгана со брокули, спанаќ и овесни снегулки. За ручек риба, зеленчук и соја, додека за вечера посно месо и многу зеленчук”, открила Лима, која по само осум недели од породувањето се појави на ревија.

Николија Јовановиќ

Николија, пак, по само три недели од породувањето го објави новиот албум кој го сними додека во стомак ја носеше малата Реа. Пејачката секој викенд настапува без проблем, а додека таа пее, малата наследничка ја чува баба Весна Змијанац.

Александра Накова

Ексманекенката, која се породи пред неполни две години, изгледа подобро од кога било.

“Мајчинството е голем благослов и морам да кажам дека откако ја родив Леа навистина доста созреав како жена. Се посветив целосно на мојата ќеркичка, многу сме поврзани една со друга, поприлично е темпераментна и е дете што не застанува 24/7, па наместо да одам во теретана, јас вежбам со неа и на тој начин одржувам линија. Многу е паметна, цело време танцува и морам да потенцирам дека уште од сега сум горда мајка”, откри Накова, која моментално живее во родната Гевгелија.

Мими Поп Алексова

Солистката во Македонската опера и балет и една од најграциозните македонски балерини од бракот со бизнисменот Дуле Атанасовски има близнаци.

“Многу стравував од зголемување на тежината, деформирање на телото и од неповратни килограми, меѓутоа дали е генетиката во прашање или среќа, не знам, освен во стомакот не се здебелив речиси воопшто. Имав околу 17 килограми плус и веднаш по породувањето си ја вратив идеалната тежина”, вели Мими, која со својата виртуозност и супериорност на сцена со години не остава без здив.

Сузана Гавазова

Фолкерката која своевремено важеше за секс-симбол, по свадбата со Јасмин Курузовиќ се пресели во Шведска каде живее веќе неколку години. Таа пред извесен период роди ќерка, а година дена пред тоа на свет ја донесе и малата Емили.

“Имам брз метаболизам и навистина немам проблеми со тежината. Не вежбам многу, но внимавам што јадам. Веќе успеав да се вратам во нормала и изгледам исто како и пред три години”, рече Сузе.

 

Сани Гроздановска

Фолкерката која пред неколку месеци на свет ја донесе малата Ева после само 30 дена од породувањето се врати на настапите и оттогаш не застана. Освен што турбо работи, исто така топ и изгледа, а причина за добрата форма бил брзиот метаболизам, но и начин на живот.