Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери не ја закажа седницата на која требаше да се избере новиот состав на ДИК и да се изгласаат Законот за Влада и Законот за финансирање на партиите. Пратеничките групи и по неколкучасовни преговори до доцна во ноќта не успеаја да се усогласат околу Законот за финансирање на партиите инаку договорен на лидерската средба.
Официјално нема информација зошто Џафери ја најави но потоа не ја закажа седницата на која само формално требаше да биде изгласано договореното од лидерската средба и формиран новиот состав на ДИК.
Според неофицијалните информации, на преговорите меѓу партиските групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои траеа неколку часа, имало големи несогласувања во делот на казните кои се предвидуваат во Законот за финансирање на партиите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на измени во делот за злоупотреба на службената положба и овластувања и замена на затворските казни со парични.
Останува нејасно каков ќе биде сега текот на настаните околу формирањето на ДИК. Засега нема најава за нова лидерска средба на која би се надминале разликите меѓу власта и опозицијата околу референдумското прашање, карактерот на референдумот и терминот на одржување ниту пак за седница на Парламентот на која би се гласало за договореното од лидерската средба.