Лидерот утре, со почеток од 14 часот, во Велес, на гости кај Борец ќе се обиде да дојде до втората своја пролетна победа, и со тоа да ја задржи таа предност, во најмала рака, од осум бодови во однос на Шкендија.
За тоа што може да се очекува од аспект на Вардар, свое видување има Александар Васоски, стратегот на тимот.
„Како прво добро е тоа што и јас конечно сум на слатки маки во однос на составот. Се враќа Даниел Аврамовски, а исто ќе можам да сметам на Али Адем. Немаме казнети, немаме суспендирани. Му одиме на Борец, тим кој што во есенскиот дел ни направи проблеми со тие 0:0. Сега ситуацијата е поинаква, ние по триумфот со Македонија ЃП секако дека сме порелаксирани, но и мотивирани да освоиме нови три бода. Мислам дека од меч во меч нашата форма ќе оди нагоре, имаме добар тим и јас се надевам дека утре во Велес сите ние во Вардар ќе се радуваме“ вели Васоски.
ЌЕ ПАДНЕ ЛИ КОНЕЧНО ВЕЛЕС?
Интересно, Борец со Горазд Михајлов како тренер, веќе 1.5 година нема пораз дома, ниту во Втората лига, ниту пак во есенскиот дел во ПМФЛ. Дали Васоски ќе биде тој кој ќе му ги расипе сметките на својот пријател и колега.
„Па, не знам за тој податок. Ако е вистина тогаш секоја чест и за Борец, но и за Михајлов. Секако дека јас сакам наша победа утре, но сепак треба да се знае дека Борец има добар тим, секако дека борбеноста нема да им недостига на велешани, ќе дадат се од себе да останат непоразени, но ако ние одиграме како што треба, мислам дека ќе ги освоиме трите бода. Во секој случај очекувам добра игра на Вардар, и секако, нова победа, иако треба максимално сериозно да си ја сфатиме работата“ заврши тренерот на лидерот.