Премиера: Lamborghini Huracan EVO Spyder

863

После Coupe верзијата, Lamborghini го унапреди својот Huracan со отворен кров.

Huracan EVO Spyder ги претрпел истите стилски промени и технолошки унапредувања како и Coupe. За потсетување, атмосферскиот 5.2 V10 мотор сега произведува 640 коњски сили при 8000 вртежи, наместо 610 “коњи” колку што имаше основниот Huracan Spyder кога овој автомобил се појави пред неколку години. 

Така, Huracan EVO Spyder се изедначил по сила на моторот со досега најмоќниот модел – Huracan Performante. Рестилизираната верзија располага и со поголем максимален вртежен момент од 600 Nm кој е достапен при 6500 вртежи во минута.

Според фабричките податоци, масата на празното возило е 1542 килограми, а Huracan EVO Spyder од 0-100 км/ч. забрзува за 3,1 секунди. Од состојба на мирување до 200 км/ч., автомобилот пристигнува за 9,3 секунди, а максималната брзина изнесува 325 км/ч.

Кога станува збор за подвижниот платнен кров, тој се склопува и расклопува со притискање на копче во рок од 17 секунди, а оваа операција е можна и за време на возењето, но само до брзина од 50 км/ч.

Huracan EVO Spyder е поставен на 20-инчни алуминиумски бандажи и специјални Pirelli P Zero пневматици. Препорачаната цена за овој автомобил во Европа изнесува 202.437 евра. Првото појавување пред публиката, Huracan EVO Spyder ќе го има на претстојниот саем на автомобили во Женева.