Пресметка со Ердоган и санкции: Макрон порача – Турција повеќе не е партнер на Европската унија!

603

Лидерите на седумте европски земји од Медитеранот изјавија дека се подготвени да ги поддржат санкциите на Европската унија против Турција доколку Анкара го избегне дијалогот со Атина.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на лидерите на шесте други земји на ЕУ на самитот во Корзика.

Макрон не го криеше својот бес кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и пред самитот порача дека Турција повеќе не е партнер на Европската унија. Франција силно ја поддржа Грција во растечките тензии со Турција поради ресурсите на гас и поморското влијание во источниот Медитеран.

На состанокот, Макрон изрази надеж дека европските лидери ќе се вклучат во дијалогот со Турција и истовремено нагласи дека ЕУ ќе подготви нови санкции доколку Анкара го одбие тој предлог.

„Жал ни е што Турција не ги прифати повиците на ЕУ да им стави крај на своите еднострани и нелегални активности во источниот Медитеран и Егејското море. Доколку не го направи тоа и не се согласи на дијалог, ЕУ е подготвена да изработи листа на рестриктивни мерки“, порачаа лидерите.

Тие истакнаа дека кризата е дополнително продлабочена поради тензиите помеѓу Турција и Европа, воените интервенции на Анкара во Либија и нејзината политика во Сирија, како и сузбивањето на противниците на Ердоган на домашен терен.

„Ние Европејците мораме да бидеме јасни и цврсти, не со Турција како држава или народ, туку со владата на претседателот Ердоган. Турската влада неприфатливо се однесува во врска со повеќе прашања – истражување на гас во водите на кои право полага Кипар, барање на економски појас во морето за кое Атина тврди дека е грчко и други провокации. Сакаме да избегнеме било каква ескалација, меѓутоа избегнувањето не може да значи пасивност или прифаќање“, истакна Макрон.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ѝ се закани на Турција со санкции „ако не ѝ дојде памет“ пред самитот на европските лидери овој месец.

„Премиерите на земјите членки на ЕУ нема да имаат друга опција, освен да имплементираат ефикасни санкции. Потребен ни е дијалог, но не на нишан“, порача Мицотакис.