Судијката Васка Николовска-Масевска денеска ја донесе пресудата за случајот „Рекет“ – обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 доби 9 години, а Катица Јанева доби седум години затвор.
Во пресудата се вели дека Јовановски од ноември 2018 до април 2019 година го искористил своето влијание врз Катица Јанева, шефицата на Специјалното јавно обвинителство и успеал да издејствува прекин на истрагата против Јордан Камчев во случајот „Империја“ и да се укине мерката притвор и да му се врати патната исправа во што помогнал и Зоран Смилевски – Кичеец. Сите примиле 1,5 милиони евра од Ана Камчева 500.000 евра и од Јордан Камчев еден милион евра. Судијката спомена дека целиот случај требало да „тежи“ 8 милиони евра.
За примање награда за противзаконито влијание Јовановски доби 5 години, за перење пари 5 години, односно единствена казна затвор од 9 години.
Катица Јанева, според пресудата, за злоупотреба на службената положба и овластување доби казна затвор од 7 години.
На изрекувањето на пресудата не беше присутна второобвинетата Катица Јанева од здравствени причини.
Судењето за „Рекет“ почна на 3 декември минатата година. Овој предмет беше најавен како еден од најголемите случаи во македонското судство досега.
По 36 одржани рочишта и неколку одложени најчесто поради поплаките за лошото здравје на Боки 13 и 30 сослушани сведоци, денеска беше изречена првостепената пресуда.