Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска во 14 часот ќе прогласи вонредна состојба. Изјавата на претседателот ќе се емитува во живо преку обраќање на МРТВ.
Од кабинетот на претседателот сè уште не е потврдена ниту демантирана ваквата вест. Вонредната состојба следува како последица на состојбата со коронавирусот и зголемениот број на заболени. Според Уставот, вонредната состојба може да трае максимум 30 дена, пишува “A1он”.
Политичките лидери вчера се состанаа на лидерска средба заедно со претседателот, на која дискутираа за одложување на изборите, а се отвори и прашањето за тоа дали треба да се прогласи кризна или вонредна состојба поради коронавирусот. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го повика Пендаровски да прогласи вонредна состојба, додека, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека треба да се прогласи вонредна состојба, но да се раководи според законот за кризни состојби.
Која е разликата помеѓу Кризна и Вонредна состојба
Кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.
Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.