Претставен „План за чист воздух“ – За две години загадувањето на воздухот во Скопје да се намали за 50 отсто

787

За две години загадувањето на воздухот во Скопје да се намали за 50 отсто, а во другите градови во државата помеѓу 30 и 50 проценти, и да не остане ниту едно домаќинство што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс. Тоа го предвидува Програмата со двегодишниот „План за чист воздух“ на Владата, која соопшти дека борбата со аерозагадувањето ќе биде стратешки приоритет во 2019 година.

Првпат е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности, 98 милиони денари (1,5 милион евра), но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства. За остварување на мерките од обмениот план, кој денеска го презентираше заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, ќе има и поддршка од меѓународни финансиски организации за што до крајот на годинава ќе се организира донаторска конференција.

– Основно начело за реализирање на стратешката програма е справување со изворите на загадување. Во „Планот за чист воздух“ има неколку приоритетни компонентни – мониторинг, инспекции, јавни кампањи, законски измени и справување со изворите на загадување – домашното затоплување, траснпорт, индустрија, градежништво, урбано зеленило и отпад, рече Макрадули на презентацијата на планот. Смета дека е амбициозен, но е остварлив зашто целите се темелат на реални бројки и мерки.

Според анализите, загадувачи број еден и два се затоплувањето и транспортот и затоа ќе се почне со промена на нееколошки извори на затоплување во јавни установи, пред сè  градинки, училишта и здравствени домови.

– Дваесет илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 ќе бидат приклучени на гас, 20.000 ќе користат инвентор клима-уреди за затоплување, две илјади домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ни едно што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс. После овој двегодишен план, 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор. Топловодната мрежа ќе биде проширена, а бргу очекувам да донесеме и одлука ДДВ-то за испорачана топлинска енергија да го намалиме од 18 на 5 порценти за дополнително стимулирање на вклучувањето, рече Макрадули.