Претставени протоколите за работа на градинките: На децата ќе им се мери температура, родителите ќе носат лекарска потврда

606

На денешната прес-конференија на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, потврди дека градинките се подготвени и со посебни протоколи да започнат со работа на 9 септември (среда).

Министерката посочи дека Владата на предлог на министерството за труд и социјална политика и во координација со министерството за здравство и Комисијата за заразни болести е донесена одлука да се отворат установите за воспитување и згрижување на деца, детски градинки и центри за ран детски развој.

– Градинките ќе работат согласно утврдениот протокол за активностите во установите по укинување на вонредната состојба, кој владата го усвои на 29 мај и е доставен до сите установи за згрижување на деца. Анализата на податоците од градинките покажа дека тие се подготвени веќе наредната среда да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата во согласност со предвидениот протокол утврден од Комисијата за заразни болести – рече Шехпаска.

Таа додаде дека приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не можат да ги извршуваат од дома.

– Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата по што се утврди дека согласно протоколот градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родителите на 14.555 деца. Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од протоколот од приоритетните, во тој случај може да прифатат други деца што се запишани во градинките – изјави министерката.

Според протоколот групите на деца до две годишна возраст треба имаат најмногу 6 деца за кои ќе се грижат двајца вработени, додека групите од 3 до 10 годишна возраст треба да имаат најмногу 15 деца и двајца вработени.

– Поради намалениот капацитет во градинките беше неопходно да се дефинираат овие приоритети. Единиците на локалната самоуправаа добија препораки од владата кои се основачи на овие установи да обезбедат или адаптираат дополнителен соодветен простор доколку за тоа има потреба. Исто така им се препорачува да обезбедат соодветен потребен кадар за временскиот период во траењето на пандемијата, ако имаат потреба за тоа, со цел да се обезбеди непречено функционирање – вели Шехпаска.

Министерката вели дека како министерство во изминатиот период интензивно контактирале со сите градинки во државата, при што се убедени дека процесот ќе се одвива без проблем. Децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места.

Таа упати апел до родителите дека капацитетите на градинките поради посебните протоколи е значително намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства на кои тоа им е реално попотребна.

Министерот за здравство Венко Филипче го презентираше протоколот за работење на градинките.

„Престојот на децата ќе биде изведен на таков начин што ќе биде избегнат контактот меѓу децата од различни групи. На сите вработени и на децата при влегување во уставновата ќе им се мери температура“, рече Филипче.

Родителот доколку забележи симптоми кај детето не треба да го носи во градинка.

Доколку некое дете појави некакви симптоми за време на престојот во градинката, ќе се изолира во посебна просторија и ќе биде контактиран родител. Секоја градинка ќе има задолжено лице, по можност медицинско за контакт со надлежниот центар за јавно здравје.

Во координација со епидемиолошката служба, матичниот лекар и родителот се одлучува ризикот од ширење на вирусот и кој се треба да замине во самоизолација.

„Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во посебни простории. Сите вработени ќе мора да носат маски. Групите со деца до две години ќе може да имаат по шест деца, а групите со деца над две години ќе бројат по 15 деца“, рече Филипче.

Децата ќе спијат на растојание од еден и пол или два метра на принципот „нозе-глава“. Ќе има постелнина за секое дете обележана со името на детето.

Забрането ќе биде користење играчки кои не се перат и не се дезинфицираат.