Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври го пречека со чистка во своите редови.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од синоќешната партиска свеченост по повод одбележувањето 23 Октомври, а во врска со новонастанатата ситуација во партијата, рече дека минатиот петок бил „црн петок“, а пратениците кои гласале спротивно на партискиот став, како што рече, ја предале партијата и државата и се воделе од личен интерес. Побара да се донесе закон за амнестија за учесниците во настаните од 27 април во Собранието, оти според него, така ќе има неселективна првада и слободна за сите.
-Во целиот овој период се држев до две работи – до вистината и до народот. И колку и да се шират дезинформации, и колку некои да ме прават одлепен од реалноста, вистината е дека имаше притисоци врз пратеници и тие беа од власта. И дел од платениците влегоа со лични аранжмани со власта, надевајќи се на својата слобода, но разочарувајќи го народот. Дел од нив тоа и лично го признаа, рече Мицкоски во 40-минутното обраќање пред членови и симпатизери на партијата.
Според него, тие не се раководеле од лични убедувања, туку од нивниот личен интерес и, рече, тој и ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволи тоа да се случува.
-Немојте да ја замајувате јавноста со некакви комисии и форуми, кои наводно треба да донесат правда за дополнително да се заташка работата. Власта сака низ тој процес да донесе некаква неселективна правда, која во основа е неправда. Затоа е потребна слобода и правда за сите. Ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници од 27 април за да има и неселективна правда и слобода за сите, истакна Мицкоски на свеченоста во Македонскиот народен театар на која не присуствуваше неговиот претходник и почесен претседател на партијата Никола Груевски. Мицкоски оцени дека поддршката за пристапување кон промена на Уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му овозможила на премиерот Зоран Заев да си ја продолжи политичката кариера. Требало само малку, како што рече, за да се одржат нови избори и ВМРО-ДПМНЕ да победи.