Приказна од скопскиот асфалт: Знаете ли каде првпат блесна Елиф Елмас?

1329

Елиф Елмас синоќа беше херојот на Македонија со двата гола против Летонија, а особено се истакна со вториот погодок, кој беше вистинско ремек дело – а ла Ерик Кантона.

Елмас на вчерашниот меч, сосема несвесно, му го украде денот на капитенот Горан Пандев, најдобриот македонски фудбалер, кој по стоти пат настапи за А-тимот.

Влезе во игра по повредата на Хасани, даде два гола, беше најприсебен кога загусти во последните моменти и иако најмлад, токму тој го однесе тимот до победа. Малиот Елиф стана голем!

Затоа следува малку поинаква приказна за него, за како малиот бутелчанец изненадувачки потпиша за Фенербахче, веројатно најголемиот тим во Турција. Овој трансфер пред речиси две години одекна силно, зашто не се гледа често толку млад македонски фудбалер да замине во таков гигант. Особено што стануваше збор за малолетник кој реши скопското да го замени со истанбулското сонце. Да се надеваме дека на ред ќе дојде и мадридското, судејќи по интересот од Зинедин Зидан, а и по тоа што го видовме синоќа…

За него сонуваа Вардар и Шкендија, го бараа речиси сите балкански џинови, но и моќници како Челзи, Манчестер Сити, Бенфика… Крај Босфорот пристигна тивко, го пречекаа само неколку новинарски екипи, кои го фотографираа и земаа куса изјава. Ништо во споредба со фештите кога доаѓаат големите ѕвезди на европскиот фудбал. Неколку месеци подоцна, тој вредеше повеќе од 20 милиони евра. Сега велат, Лестер бил ептен заинтересиран. А Шпанците објавија и дека Зидан го сакал во Реал. Не е лошо за момче од нашето маало, зарем не?

Елиф таков и ќе остане, момчето од нашето маало, бидејќи пред да се вивне меѓу ѕвездите, блескаше на маалските терени во Скопје. Ретко кој знае дека неговиот фудбалски раскош првпат го покажа за еден маалски клуб, поточно екипа за мал фудбал во локални рамки – ФК Бутоп!

Станува збор за тим на самопрогласените ентузијасти и претставници на скопскиот фудбал од населбите на левиот брег на Вардар – Бутел 1 и Топаанско. Момци со огромна љубов кон фудбалот, кои многу порано од многу македонски прволигаши имаа своја веб-страница. Токму таму е забележано и првото интервју на Елмас, многу пред вистински новинари да дознаат дека е роден овој фудбалски дијамант.

Затоа, во целата приказна за македонскиот вундеркинд, кој срамежливо се пробива во ерата на еден Нејмар, Мбапе, Дембеле, има нешто поразлично, нешто што нè допира и ни го прави далеку поблизок. Не само дека е наш, Македонец. Има и нешто друго. Неговиот пат е посебен, не само поради рекордите што ги урива во сите возрасни категории во дресот на Македонија, наградата за најдобар млад фудбалер на Македонија или поради белегот што го остави во Работнички…туку затоа што Елиф е маалско дете, еден од нас, обичните.

Порасна во скопската населба Бутел. Најмал, но најбрз и подобар од другарите. Пред да заигра фудбал го минува школото наречено серва, а потоа оди на баскет. И таму е најдобар. Тој рано се избори да игра со „големите“, кои, пак, внимаваа на малиот, да не го удрат, повредат, забележувајќи ја уште тогаш неговата сјајна ѕвезда. ФК Бутоп беше неговото прво фудбалско семејство.

Овие момци имаа привилегија да бидат неговите први соиграчи, први да се радуваат на неговите голови, а таа исполнетост од фудбалот, веројатно, ги натера и да му кажат на светот колку е блескав неговиот талент. Редовно известуваа за подвизите на својот другар, дури и кога тој замина меѓу професионалците и кога почна да реди успеси, како добивањето на наградата од ФФМ , дебито во А-селекцијата… Во своето прво излагање тој срамежливо говори за почетоците во Фенербахче Тефејус и тренерите Сетко и Саљко, за Форца и тренерот Џипунов, за Работнички, трансферот во Херенвен.

Да дебитираш во сениорски национален тим на 17 години одземајќи му топка на Иниеста на средина на терен, само што си влегол во игра… е тоа, каде се учи? На тренинг? Тешка работа. На тренинг во познат клуб, во добра школа, со добра инфраструктура, академија, во Ла Масија? Не. Тоа не ве учат таму. Таму ве учат да играте фудбал. Не ве учат да победувате, не ве учат да „гинете“ на терен.

Страста за фудбал треба да се собира по малку и на улица, на физичко, на термин, во школски двор. Е, таков е Елиф. Подеднакво да мразиш да губиш на дебито за Македонија против Шпанија исто колку и на дебито за ФК Бутоп против Радишани дечки. Напорно да тренираш, да ги почитуваш и да си добар со сите. Едноставно да те сакаат сите во населбата и да се гордеат со тебе како да си нивнот дете. Тоа е вистинскиот Елиф Елмас, повремениот член на ФК Бутоп. Херојот од нашето маало!

А, токму маалската екипа во која почна да игра ѕвездата на Фенербахче и уште еден куп други слични на неа се вистинскиот расадник низ кој македонскиот фудбал треба да ги бара своите идни ѕвезди. ФК Бутоп постои повеќе од десет години, има одиграно над 300 натпревари со речиси 200 победи и 2.000 постигнати голови. И еден освоен трофеј. Овој маалски тим е само пример за големата љубов која постои на нашиов простор за играта со популарната бубамара.

Ваквите тимови се непресушен извор за играчи кои потоа не мора да ги достигнат височините на Елмас, но дефинитивно може да си најдат место под ѕвездите, барем на нашата сцена. Тие воедно се доказ дека најчиста форма на фудбалот е таа каде што парите немаат никакво значење. А, примерот со малиот Елиф треба да биде само потстрек за домашните клубови почесто да ги посетуваат маалските теренчиња во потрага на таленти.

Бидејќи никогаш не знаете каде ќе се појави следниот дијамант.