Профитот остана побитен од сопственото и од здравјето на текстилците! Што очекувавте? Актерката Јелена Јованова разочарана од состојбата во Штип

581

„Растев во конфекциски град. Мајка ми, која веќе е во пензија, цел живот работеше во конфекција, ретко 8, најчесто 9,10,12,15 часа на ден. Од мал учиш како профитот на конфекционерските газди им е побитен од здравјето на вработените. Денот го поминуваат стуткани една до друга, припиени до машините за шиење. Многу често единственото „сонце“ се сијалици зашто во некои од нив нема ни прозори. Немаат соодветен простор за ручек пауза, како стоејќи една до друга напикани во импровизирани „собчиња“ јадат и пак си дишат во врат! Вирусот кој никако не треба да се потцени можеби врќе е на прагот во Штип. Се надевам дека еднаш во нивниот живот газдите на конфекциите ќе бидат човечки и совесни и ќе ги заштат своите вработени и себе си. Една заболена работничка без претерување може да значи цел град! Еднаш барем еднаш не ја мерете длабочината на вашиот џеб, туку неизмерната длабочина и убавина на солидарноста, на одговорноста што ја имаме едни код други како луѓе! “ Ова на средината на март го напиша актерката Јелена Јованова, која потекнува од Штип и која многу добро знае како се заработува лебот во конфекциите. И како да предвидела. Само два и пол месеци од ова нејзино алармирање се случи хаосот. Штип живее со заразени работнички, луѓето се плашат, неколку конфекции веќе се затворени, а апелот и сликите каде текстилките напикани во автобусите како сардини никој не сакаше да го види. Можеше ли да биде поинаку? Ја прашавме Елена, бидејќи текстилките се плашат да зборуваат отворено.

Како дете на поранешен текстилец, колку ова што го гледаш по конфекциите те прави тажна?

-Како дете на текстилен работник и човек кој и самиот работел во конфекција за да си заработи за одмор и притоа научи да го цени сопствениот труд, јасно и чисто знам за што зборував тогаш кога јавно и го споделив моето мислење.  Но очигледно човечкиот живот не значи за секого исто. Дојдовме до дереџе во кое солидарноста и одговорноста ни звучат како приучени зборови чие значење очигледно не го разбираме доволно јасно. Каде поединци се натпреваруваат во тоа кој помалку е  елоквентен и понижувачки коментар ќе даде за ситуацијата и способноста на едните или другите. Почнавме да се делиме и го извадивме најлошото од себе.

Работничките се плашат дека ке останат без работа и не сакаат да зборуваат, како е можно во оваа ситуација да им се помогне?

-Лесно е да се коментира од страна, посебно да се критизира нечии страв. Егзистенционалниот страв е човечен и нормален, но исто така и правдата и вистината. Бранењето на своите права, немањето страв од истото како и познавањето на разликата помеѓу право и правда е нешто што човек треба да го учи уште од мали нозе. Би сакала да верувам дека после сè ова уште понепоколебливо и погласно ќе се обединат и најбитното – надлежните институции кои треба да им помогнат и слушнат – нема да ги изневерат!

Пред извесен период даде свое видување, но сликите од преполните автобуси и понатаму се споделуваат? Што мислиш, зошто сите се глуви?

-Секоја чест на исклучоците, но и понатаму голем дел од нив останаа да работат по ист терк на работен распоред без организирани смени како можна опција, да немаат организиран превоз соодветен на ситуацијата ниту пак да обезбедат достојна и потребна просторија за пауза како ни доволна физичка дистанца. Напротив, слушнавме дека и понатаму се возат како сардини во конзерва, дека работат и за време на полициски час, а оние кои тоа треба да го контролираат очигледно имале пореметување на видот и слухот. Профитот на некои од газдите и понатаму останува побитен од сопственото здравје и здравјето на вработените. Некои неодговорни рабоници пак останле да лежат на увото дека ако баш денес не ги почитуваат мерките за заштита нема да го извлечат подебелиот крај од пандемијата.

Дали разговараше со некои текстилки? Почитуваат ли мерки, носат ли маски? Многумина велат дека самите работнички ги кријат симптомите од Ковид-19, што од страв да не бидат отпуштени, но и мислат дека Корона нема?

-Неодговорноста за жал е присутна во секој сектор и тоа не е случај само со конфекциите. Па така постојат и вработени кои не ги почитуваат мерките и кријат симптоми. Некои се плашат дека ќе бидат стигматизирани, други пак веројатно ја немаат потребната свест. Со ова повторно се враќаме на лекцијата за одговорноста и солидарноста која ја имаме едни кон други. На тоа дека болеста не бира и дека не е грев човек да се разболи и да побара помош како и тоа дека законот мора да биде ист за сите, без поделени улоги на мајка и маќеа! Не знам кога ќе сфатиме и станеме свесни дека ова е крај на еден живот што го познававме и колку повеќе сме неодговорни и себични – толку повеќе дискрапанцата помеѓу животот некогаш и сега ќе станува поголема!