Протеран од црквата: Руски свештеник казнет поради учеството на неговата сопруга на избор за мис

966

На рускиот православен свештеник од регионот Урал му било забрането да врши служба во црквата во Магнитогорск и бил протеран во едно зафрлено село бидејќи неговата сопруга учествувала на локален избор за мис, кој бил одржан во текот на Големите пости.

Рускиот свештеник Сергеј Зотов бил казнет откако неговата сопруга Оксана Зотова, која води салон за убавина во Магнитогорск, ја освоила наградата “мис сензуалност” на тоа натпреварување.

Кога оваа информација дошла до верските службеници, Зотов веднаш добил отказ во црквата во Магнитогорск, пренесува “BBC”.

Како што наведува “Daily Mail”, на 31-годишниот свештеник му било кажано дека не може да се врати во црквата поради скандалот, освен ако неговата сопруга не се покае.

Зотов рекол дека неговата сопруга се соочува со закани и злоставување и дека добива бесни пораки и порачал дека планира да ја контактира полицијата.

Свештеникот е сега принуден да ја продолжи својата работа во селото Фершампенауз, на околу 65 километри од Магнитогорск, каде живеат околу 4.000 жители.